Општина Кочани и во 2025 година останува во групата најтранспарентни општини и го следи општиот тренд на постојано подобрување.
Тоа го покажува истражувањето за годишно рангирање на институциите, односно на 102 министерства и општини според Индексот на активна транспарентност, а што го спроведе Центарот за граѓански комуникации од Скопје.
Во текот на оваа година Општина Кочани се вбројува во категоријата на десетте најтранспарентни општини, односно го дели седмото место со Берово, Демир Хисар, Илинден, Карпош, Кисела Вода, Куманово и Центар.

Меѓу сите 11 општини во Источниот регион, Штип, Берово и Кочани се меѓу првите десет во државата со измерена транспарентност од 97,1 отсто.
Општина Зрновци со 91,3 отсто го дели 24 место со уште три општини и со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Според индексот на активна транспарентност, Општина Чешиново-Облешево со 82,6 отсто го дели 57 место со Ново Село. Општина Виница пак, е на 63 место со индекс од 80 отсто.

Во анализата на Центарот за граѓански комуникации се истакнува дека Источниот Регион трета година по ред е на првото место, со иста активна транспарентност како и лани од 88 отсто.
Истражувањето се спроведува веќе деветта година по ред, врз основа на претходно изработена методологија и структурирани прашалници за исполнувањето на обврските за активно објавување на информациите на интернет-страниците на општините.
Под „активна транспарентност“ се подразбира јавното објавување информации на сопствена иницијатива од страна на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до такви информации.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






