Младиот кочански бенд „Корка“ освои најмногу гласови од публиката на онлајн гласањето на меѓународниот музички натпревар Imagine Music Experience – International Finals што се одржа во Брисел.
На нашите музичари им припадна признанието People’s Choice Award, а од Музичка младина на Македонија, која беше организатор на домашниот натпревар на кој „Корка“ беше најдобра и се стекна со правото да ја претставува државата, ја потврдија наградата.
— Музичка младина на Македонија (Jeunesses Musicales Macedonia) со гордост ја објавува веста дека рок бендот „Корка“ од Кочани освои People’s Choice Award на престижното nатпреварување Imagine Music Experience (IMX) International Final што во неделата вечерта, на 14 декември се одржа во Брисел, Белгија. Официјално тоа беше објавено и од организаторот- домаќин при прогласувањето на најдобрите и доделувањето на признанијата, истакнаа од Музичка младина на Македонија.

На натпреварот во Брисел, покрај нашиот претставник, годинава учествуваа и млади музичари од Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Унгарија, Холандија и Велика Британија.
Imagine Music Experience е меѓународен музички натпревар за млади музичари на возраст од 13 до 21 година, отворен за сите жанрови на музика — од рок, поп, електронска, џез до фолк и класична музика. Овој натпревар го организира Jeunesses Musicales International (JMI), глобална организација посветена на развојот на младите преку музика и уметност, и ја поддржува следната генерација на млади музички таленти преку натпревари, работилници, мрежно поврзување и интернационални сцени.
Победник на натпреварот беше рок бендот Crimson Bullet Generation од Белгија.

-Ова е четврта година по ред што Музичка младина на Македонија (МММ) учествува во Imagine Music Experience со национален финалист, а оваа година бендот „Корка“ не само што ја претставуваше државата на меѓународната сцена, туку и освои признание од публиката — People’s Choice Award. „Корка“ беше избран како национален победник на Imagine Македонија 2025 на финалето одржано во МКЦ во Скопје на 10 октомври 2025 година, каде што конкурираа осум квалитетни бендови со оригинална музика од различни жанрови, додаваат од МММ.

Бендот „Корка“ претставува гранџ ноиз рок звучен потпис од Кочани, кој со својата енергија, оригинална музичка визија и силна поврзаност со публиката се истакна меѓу учесниците од повеќе европски земји.
Признанието People’s Choice Award е значајно не само како меѓународна награда за младите музичари од Кочани, туку и како поттик за целата музичка заедница на млади творци во државата, за да продолжат да се развиваат и да учествуваат на светските сцени.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






