Клубот за планинарски спортови „Осоговски орел“ од Кочани за прв пат ќе ја организира планинската велосипедска трка „Манданата 2024“, со што ќе се придружи кон одбележувањето на празникот Петровден.
Подготовките за одржување на трката се веќе почнати, тече рокот за пријавување на заинтересираните учесници, а членови на клубот го извршија маркирањето на патеката.

Настанот е закажан за в недела, 23 јуни, со почеток од 9 часот. Трката ќе се вози во две тури со должина од 26 и 36 километри, а стартот е од дворот на манастирот „Св. Илија“ во месноста Бочвенец, во атарот на планинското село Речани.

Од стартот ќе се вози до месноста Крушка, потоа по сртот Дл`ги Дел, патеката се спушта во Бела Река, па се искачува кон планинското маало Мишино. Таму е планирана пауза за да му се оддаде почест на револуционерот Стефан Мандалов – Манданата, учесник во познатата Афера Мис Стон од предилинденскиот период, кој загинал токму на овој простор во септември 1903 година. По паузата следува спуштање кон Ново Село, се поминува покрај манастирот „Св. Димитрија“ и ново спуштање кон пунктот за освежување кај манастирот „Св. Симеон“ во селото Костин Дол.

По освежувањето учесниците повторно ја минуваат Бела Река, се искачуваат на сртот и се враќаат на стартната точка во Бочвенец.
За учесниците кои ќе ја завршат трката се обезбедени признанија, а ќе има и организиран ручек. Котизацијата за учество на двете тури е единствена и изнесува 500 денари.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.