Работењето на КЈП „Водна кула“ од Зрновци од аспект на кадровски ресурси ќе се стави во соодветни законски рамки, за што во процедура е донесување правилник за систематизација на работните места. Иако овој правен субјект функционира повеќе години, за првпат ќе добие официјален документ според кој ќе може да се направи реална реорганизација на постојните вработени, но и да овозможи пополнување на нови работни позиции што би се јавиле како потребни во иднина.
На последната седница на Советот на Општина Зрновци беше нагласено дека досега имало некаква систематизација на работните места, но од правен аспект таа воопшто не била регистрирана, ниту спроведена во практика. Поради тоа ни вработените не можеле да добиваат редовни плати, туку им се исплатувале како аванси.
Со оглед што во новиот правилник е наведено дека комуналното претпријатие во Зрновци може да има триесетина работни места, меѓу советниците се јави дилема дали сите се потребни и дали задолжително треба да се пополнат.
-31 вработен, како што е наведено во систематизацијата, за нашето комунално претпријатие е несфатливо, а дали целата процедура ќе се примени или не, останува да видиме. Дали таа систематизација треба да ја имаме само на хартија, поради инспекции и слични обврски, или ќе се применува, праша Виктор Новков, член на Советот на Општона Зрновци.
-За првпат во комуналното јавно претпријатие се изработува систематизација, што содржи три документи: функционална анализа, правилник за систематизација и внатрешна организација. Сите работни места што се предвидени во неа, се според правилниците за работни места, но не значи дека сите ќе бидат пополнети. Со оваа систематизација, веќе вработените треба да ги ангажираме на соодветни работни места, со соодветни решенија, а веќе една година се трудиме тоа претпријатие да го направиме рентабилно, да има кадровска екипираност, а не само да се земаат плати. Мислам дека досега неговата стагнација е поради кадровската неекипираност, затоа што не може еден човек да извршува по три-четири работи, а некои од нив предизвикуваат и конфликт на интереси, односно директорот да биде и благајник, и правник, и да прима документи и да издава документи, истакна градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев.
По образложението на градоначалникот, Советот на Општина Зрновци даде едногласна поддршка на предложениот правилник за систематизација на работните места во КЈП „Водна кула“, по што документот се доставува до Министерството за информатичко општество и администрација од каде е потребан согласност.
Според првично изработената систематизација што не е законски прифатена, во комуналното претпријатие се предвидени 12 работни места, од кои девет се веќе пополнети.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.