Управниот одбор на КЈП „Водовод“ – Кочани донесе одлука со која го раскинува анексот на договорите за наплата на 100 денари за солидарен погреб, а што ќе се применува од фактурите за тековниот месец.
Со одлуката се утврдува и начинот на исполнување на обврската кон граѓаните кои имаат склучено анекс кон основниот договор за погребни услуги, а сè уште го немаат искористено ова право.
„Водовод“ презема обврска на сите корисници да им издаде потврда за износот уплатен од нивна страна, а средствата ќе им бидат исплатени во моментот кога ќе имаат потреба од погребна услуга. Паричните средства ќе бидат префрлени на трансакциска сметка на носителот на склучениот договор или на потесен член на семејството.
Исто така, се дава и можност, по писмено барање на корисникот, уплатените парични средства да бидат искомпензирани со долг по фактури за комунални услуги што корисникот ги има спрема комуналното претпријатие.
КЈП „Водовод“ ги известува граѓаните дека ако се одлучат за кој било од начините за обештетување, да поднесат писмено барање во Центарот за односи со корисници на претрпијатието.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.