Ликовен перформанс „Подари цртеж во замена за цвеќе“ во чест на празникот 8 Март денеска организираше, Училиштето за цртање и сликање при ЦК „Бели мугри“.
Настанот се одржа пред платото на установата во Паркот на Револуцијата, каде младите ликовни уметници и дечињата твореа по повод Денот на жената.

-Минатата година имаше изложба на истата локација, а оваа година направивме промена, односно ја збогативме идејата „Подари цртеж во замена за цвеќе“ во чест на празникот со еден ликовен перформанс. Сите ученици од Школата за цртење и сликање ги вклучивме, како и сите коишто се најдоа на лице место. Дечиња и ученици творат на тема „Цвеќе“, а изложбата која што ќе остане од овој настан на некој начин ќе го разубави и урбаниот простор. Учениците сликаат на плочникот во Паркот на Револуцијата и пред Центарот за култура, со што му даваме значење на овој ден. Се надевам дека вакви настани ќе има и од другите дејности, не само од ликовната дејност, така што од година во година ќе се трудиме, не само 8 Март, туку и секој ден да го празнуваме, и да се радуваме пред сѐ на животот, истакна Александра Димитрова, раководителка на Училиштето за цртање и сликање при ЦК „Бели мугри“.

Пријатното и сончево време предизвика интерес за учество на настанот, при што освен учениците од Школата, се вклучија и голем број мали дечиња.


©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.