Подолг временски период жителите кои ја користат пешачката патека меѓу улиците „14 Македонска бригада“ и „Осоговска“ во Кочани се оневозможени безбедно да поминуваат по неа. Поради дождовите, на патеката има свлечиште од земја.
Во саботата, минувач паднал во голема дупка и се здобил со скршеници. Помош му пружиле соседи од „Осоговска“, а за случајот ја известиле и Итната медицинска помош.
-Ние се соочуваме со големи проблеми на улицата „Осоговска“. Во саботата еден човек падна и целиот беше со крв. Имаше и скршеници на раката и ногата. Ја повикавме и Итната медицинска помош, но не сакаа да дојдат. Претходно, имаше исто вакво свлечиште, па соседите со сопствени средства го отстранија паднатиот потпорен ѕид. Ги молам институциите да ни помогнат во овој случај, истакна Благоја Ангелов, жител на улицта „Осоговска“.
Ангелов додава дека негова е парцелата од каде што се свлечува земјата, но поради слабата финансиска состојба тој не е во можност сам да ја реши ситуацијата. Жители на „Осоговоска“ рекоа дека ниските температури дополнително ќе создат проблеми бидејќи патеката подмрзнува и секое движење по неа ќе биде опасност.
Поради фактот дека пешачката патека не е оградена со заштитна ограда, упатија апел до надлежните служби во Општина Кочани да им излезат пресрет и да им ги решат проблемемите за да нема несакани ситуации.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.