Во пресрет на големиот христијански празник Свети Димитрија, што се одбележува и како Ден на општина Зрновци и слава на храмот во Зрновци, Локалната самоуправа подготви богата четиридневна програма со културни, музичко-забавни, хуманитарни и спортски активности.
В четврток, на 7 ноември, во основното училиште „Синиша Стоилов“ во Зрновци ќе биде отворена традиционалната ликовна колонија „Свети Димитрија“, а во 18 часот истиот ден ќе се одржи Вечерна литургија во храмот „Св.Димитрија“ по што ќе следи празнична вечера за верниците. Во соработка со Локалниот младински совет на општина Зрновци од 21:30 часот ќе се одржи забава за младите во кафе барот „Рио“ на која ќе настапи музичката група „Malinov & Special Selection”.

На денот на празникот, в петок на 8 ноември, во 7 часот во храмот во Зрновци ќе се одржи Утринска литургија, а ќе присуствува и Митрополитот Брегалнички Иларион. Во 12:45 часот ќе биде положено цвеќе на споменикот на Свети Димитрија на истоимениот плоштад во Зрновци, по што Советот на Општината ќе одржи свечена седница, а ќе следи и музичко-забавна програма во соработка со ЈОУДГ „Бисерчиња” , ООУ „Синиша Стоилов” и ФА „Љупчо Сантов”.
Истиот ден во 15 часот во просториите на Мултифункционалната сала ќе биде организирана Трпеза со традиционални јадења приготвени од вредните домаќинки во општина Зрновци, а во соработка и организација на Локалниот младински совет, во спорстката сала ќе се одигра финалниот натпревар на традиционалниот турнир во мал фудбал „Свети Димитрија”.
На 9 ноември од 10 до 13 часот во просториите на Локалната самоуправа ќе се одржи крводарителска акција, а во 19 часот во кино салата стендап настап ќе има Бојан Велевски.
В недела на 10 ноември од 11 часот ќе стартува Традиционалниот планинарски марш Св. Димитрија што го организираат Локалниот младински совет и Клубот за планински спортови „Осоговски орел“ од Кочани. Ќе се пешачи од плоштадот во Зрновци до месноста Девичин Вир, каде ќе има и ручек за учесниците.

Во 18 часот истиот ден ќе се одржи фестивал со настап на ФА „Љупчо Сантов“ – играорна група Зрновци, КУД ,,Руен“ – Кочани, АТМИ ,,Митко Алексов“ – Кочани, ФА ,,Осоговски извор“ – Оризари, ФА ,,Китка“ – Истибања И Оркестарот „Мелем“. Во вечерните часови во кафе барот „РИО“ ќе се одржи забава со музичката група „Teatro Band”.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.