Петнаесетгодишниот Лука Змејкоски, член на кикбокс клубот „Лидер“ од Виница го освои второто место и сребрениот медал на ВАКО Светското првенство за јуниори и кадети, што се одржа во Будимпешта, Унгарија.
Младиот винички спортист настапи во конкуренција на помлади јуниори над 81 килограми, во категоријата лоу-кик, при што во полуфиналниот дуел го победи Владислав Лендел од Украина.
Во финалето се сретна со Мухамед Дупљак од Србија, против кој имаше водство во сите три рунди, но на 15 секунди пред крајот на мечот изгуби важни поени, а со тоа му „побегна“ и златниот медал. Едноставно, искуството и подобрата кондициска подготвеност на српскиот кикбоксер му донесоа победа, а Змејкоски мораше да се закити со сребро.
Со успехот од Светското првенство, Лука Змејкоски само ги потврди досегашните добри резултати, особено титулата балкански шампион што на почетокот на јуни годинава ја освои на младинската Балканијада во Црна Гора.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.