Македонско-бугарската стопанска комора (МБСК) и Амбасадата на Република Бугарија, во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, организираа продуктивна средба со бизнис секторот од двете држави со цел одржување и подобрување на меѓусебната соработка на компаниите од различни дејности.
Бугарскиот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов им се заблагодари на генерациите активисти кои ја основаа, развиваа и зајакнаа Македонско-бугарската стопанска комора и изрази верба дека со амбициозната програма на новоизбраната претседателка на Комората, Билјана Митева, на институцијата и претстои „поживописна, подинамична и многу поотворена за сите економски субјекти, што ќе ги зајакне односите меѓу Бугарија и Северна Македонија“.

-Имам голема одговорност и чест, бидејќи Македонско-бугарската стопанска комора која постои од 2011 година и има многу успешни проекти, претставува предизвик истите да бидат надминати со цел соработката меѓу бизнисот и институциите во нашите две земји да бидат ставени во функција на успешна деловна клима, истакна Билјана Митева, претседателка на Македонско–бугарската стопанкса комора.

Трговското аташе на бугарската амбасада Красимир Драгнев на средбата информираше дека на 7 декември во Софија се одржува бугарско-македонски бизнис форум на иницијатива на министерствата за надворешни работи на двете земји. Сличен настан минатата година се одржа во Скопје под покровителство на министрите за надворешни работи Николај Милков од Бугарија и Бујар Османи од Северна Македонија.
Бугарија е петтиот најважен трговски партнер на Северна Македонија и нејзина втора најважна извозна дестинација. Бугарските директни инвестиции во државата изнесуваат вкупно 270 милиони евра. Во 2022 година, годишната двонасочна трговија надмина 1 милијарда евра.
МБСК на оваа средба е главниот партнер во составувањето на деловната делегација од Северна Македонија.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.