Семејствата на настраданите во пожарот во „Пулс“ денеска во Кочани го организираа 24. „Марш за ангелите“, на кој нагласија дека при крај е нивното трпение во барањето правда за децата кои загинаа во трагедијата. Нагласија дека им оставаат уште малку време на правосудните органи за да кажат кога ќе почне постапката против обвинетите, а во спротивно мирните маршеви ќе преминат во протести и блокирање на институциите.
Маршот почна од Паркот на Револуцијата од каде учесниците се упатија кон Трговскиот центар, потоа кон Управата за јавни приходи и Министерството за внатрешни работи. Оттаму продолжија пред Јавното обвинителство и Основниот суд каде беше упатено барањето правда за починатите и повредените.

-Бараме одговори сега. ОЈО ГОК – до каде е постапката против вработените во МВР? Кога ќе го оформите обвинителниот акт? Судии во Кривичниот суд – ќе ја донесете ли оценката за обвинителниот акт или ќе застанете зад политичките интереси – одговор по локални избори? Нема повеќе трпеливост, бараме итна одговорност. Време е да се стави крај на одолговлекувањето и да се овозможи вистинска правда. Доколку до петок, 3 октомври не добиеме официјален одговор ќе нема повеќе маршеви, ќе продолжиме со протести и блокади. Нема веќе мирни чекори, нема повторно молчење. Ова е најголемото масовно убиство во историјата на Македонија и нема повеќе да се продолжи со најмирни маршеви.Доста е! Ова не се позадински политички влијанија на некои политички партии, ова сме ние – нашиот бес, нашата тага и револтот против системот. Кон владејачките структури кои постојано се обидуваат да го релативизираат нашиот револт за да добијат време во н ивна корист – за да ја спроведат својата селективна правда, наместо вистинската правда која им припаѓа на нашите деца, истакна Розета Џамова, сестра на починатиот Јорданчо Џамов.
Бројките на обвинетите ништо не им значат на семејствата на загинатите, туку им значат вистинските виновници за кои ќе бараат вина и одговорност. Ако институциите не ја исполнат својата одговорност, родителите на настраданите нема повќе од што да се плашат дека нешто ќе изгубат и решени се да одат до крај.

-Правдата не чека. Жртвите не се бројки – тоа се наши браќа и сестри. Цели семејства се уништени. Последиците и физички и психички се огромни. Уништени се животи, унуштена е иднината. Ова е цената на институционалната негрижа.Законодавната, извршната и судската власт мора да работат одвоено. Затоа, ве повикуваме – покажете доблест, пресечете ги корените на корупцијата и трулиот систем, покажете правичност, независност и одлучност во работењето.Не дозволувајте општите принципи во државата да бидат управувани од законодавната и извршната власт, бидејќи тоа веќе не е демократија, туку тиранија. Во спротивно, одреденин властодршци ќе ги потчинуваат интересите на целиот народ, а вие тоа не смеет да го дозволите, бидејќи ќе станете соучесници во ова злосторство. Бараме одговори, бараме одговорност, бараме вистинска правда, додаде Џамова.
Сопругата на починатитот полицаец Тоше Тодоровски од Пробиштип реагираше што министерот за внатрешни работи не дал одговор на прашањата што му ги поставила преку медиумите, а изрази незадоволство и од протоколот за откривањето спомен биста во негова чест во кругот на ОВР – Пробиштип, при што неговите деца не биле повикани на свеченоста.
„Маршот за ангелите“ заврши онаму каде што и почна, во Паркот на Револуцијата“.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






