Во пожарот што ноќеска, околу 2:30 часот, избувнал во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 59 лица, а над 100 се повредени, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Според првичните информации што ги соопшти министерот, пожарот бил предизвикан од пиротехнички средства кои се користеле како светлосни ефекти на концертот што во тој момент го одржувала групата ДНК.

-Според првичните информации, како последица на искри од пиротехнички средства кои биле употребени за светлосен ефекти. Искрите го зафатиле таванскиот дел кој бил од лесна запалива материја по што пожарот брзо се проширил. Според досегашните податоци 51 лице загина, а повеќе од 100 повредени. Починати лица има во повеќе болници во Македонија. Ќе се врши обдукција на секое загинато лице, за да се идентификуваат, истакна Тошковски на прес-конференцијата.
Се дознава дека помеѓу повредените има и малолетници. Од болницата „Св. Наум Охридски“ во Скопје информираа дека кај нив се примени 27 пациенти на возраст од 16 до 46 години и сите се во стабилна состојба. Дел од нив имаат сериозни изгореници, главно на вратот и лицето, поради што не се исклучени компликации.
Во Клиничкиот центар во Скопје се примени 34 лица, од кои најголем дел се пренесени во Клиниката за пластична хирургија. Од нив две лица се во критична состојба, а пет се на одделот за интензивно лекување. Исто така, тројца повредени се пренесени со хеликоптер во болницата „8 Септември“ во Скопје.
Голем број граѓани се во кругот на Општата болница во Кочани во очекување на информации, а исто така и на социјалните мрежи се бараат информации за блиски.
Според официјалните информации, во пожарот животот го загубија 59 млади луѓе, меѓу кои и седум членови на групата ДНК и полицаец кој бил на должност. Повредени се 196 лица од кои 20 деца. Дел од нив се лекуваат во државата, а дел се хоспитализирани во странство.


©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.