Во работна посета на Општина Виница денеска беше министерот за локална самоуправа Златко Перински, во рамки на иницијативата „Каде што срцето е дома“, при што се сретна со градоначалникот Митко Костадиновски и со претставници од локалните институции и од општинската администрација.
Во рамки на посетата министерот направи увид во комплетирањето на проектот за уредување на кејот на Градечка Река во Виница, а најави понатамошна поддршка од државниот буџет за други инфраструктурни зафати.

-Имавме прилика денеска отворено да поразговараме со градоначалникот на Општина Виница, а секако ја искористивме приликата да поразговараме и со советниците во рамки на Советот на Општината. Ги слушнавме приоритетите коишто ги имаат детерминирано како локална самоуправа, а од наша страна беа објаснети сите тековни проекти коишто Министерството за локална самоуправа во периодот ќе ги спроведува, со посебен фокус на Ресурсниот центар за којшто, како проект, веќе во понеделник на 24 ноември е предвиден кик-офф настанот и веќе Ресурсниот центар како проект ги презентира и почнува поефикасно и поефективно да ги спроведува зададените цели се им помогне на локалните самоуправи и на градоначалниците, поготово во делот на транзиција на власт да им го даде на потребно знаење кои им е неопходно. Владата, ќе потсетам, само преку првиот и вториот јавен повик само за Општина Виница одвои близу 160 милиони денари за реализација на 15 инфраструктурни проекти, и тука не застануваме. Разговаравме со градоначалникот, за 2026 година имаме предвид активности во делот на креирање на нови проектни документации, а веќе од 2027 ќе наоѓаме начини за истите тие проектни документации да се финансираат и да се реализираат и на проектна основа, истакна министерот Перински.

Градоначалникот Костадиновски нагласи дека проектот за уредување на кејот на Градечка Река е во напредна фаза, со што граѓаните ќе добијат уредено место за прошетка и рекреација.
-Проектот „Да ја поканиме природата во нашите градови“ се имплементира во Општина Виница преку Програмата за прекугранична соработка, а во партнерството со збратимената општина Банско од Република Бугарија. Проектот се реализира во времетраење од 30 месеци. Вкупниот буџет на Општина Виница изнесува 300.743 евра. Предвидено е уредување на просторот меѓу Градечка Река и улицата „Кеј 30. Август“ и тоа со изградба на пешачка патека со бекатон, поставување урбана опрема, клупи за седење и канти за отпадоци, поставување електрично осветлување, засадување нови дрвја и тревна површина. Во моментот градежните активности се реализираат според предвидената динамика. Избран економски оператор е фирмата „Стоименов“ ДООЕЛ- Кочани, а вредноста на договорот изнесува 221.000 евра со вклучен ДДВ, истакна Костадиновски.

Во рамки на престојот во Виница, министерот Перински го посети и музејот „Теракота“.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






