Министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски денеска беше во работна посета на Кочани, при што направи увид во комплетирањето на изградбата на новиот објект на детската градинка „Павлина Велјанова“ во населбата Драчевик.
Објектот почна да се гради пред четири години и веќе е завршен, но во меѓувреме биле согледани извесни градежни недостатоци што треба да се отстранат за да може да се користи.
-Недостатоците што беа констатирани ќе се разгледаат подетално, за да ги отстраниме и за краток временски период во градинката да се слушне детскиот џагор. И овде, како и во целата држава, со години наназад не биде давани согласности за вработување од страна на министерствата за финансии и труд и социјална политика. Со оглед што како техничка Влада сме со ограничени можности, очекувам по завршувањето на изборите да обезбедиме доволен број на негувателки, воспитувачки и друг стручен кадар и децата да добиваат квалитетно згрижување, истакна министерот Велковски.
Министерството за труд и социјална политика веќе работи на соодветно решение за да им овозможи на заинтересираните лица за воспитувачки и негувателки да добијат лиценца и да можат да се вработат.
-Над илјада барања за лиценци беа во фиока во Министерството, тие биле доставени во 2021, 2022 и 2023 година од граѓани кои се сакаат да се лиценцираат. За да помогнеме и да можат да полагаат, заедно со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието понудивме законско решение со Закон за заштита на децата, во којшто отвораме можност да може и хартиено да се полагаат лиценците, со оглед што нема повик за елекотронско полагање. Се надеваме дека Собранието ќе ја стави точката на дневен ред додека сè уште заседава и таа ќе биде усвоена. Со тоа ќе им овозможиме на над илјада луѓе кои поднеле барање да можат во овој период да добијат лиценци, додаде Велковски.
Од градинката „Павлина Велјанова“ информираа дека со пуштањето во употреба на новиот објект, значително ќе се задоволат потребите за згрижување на децата.
-Во новата градинка ќе можат да се згрижат 112 деца во пет возрасни групи. Со тоа значително ќе се намали листата на чекање на која во моментот има околу 160 деца, истакна Јованка Ефтимова, директорка на градинката „Павлина Велјанова“.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.