Повеќегодишниот раководител на РЕ „Комунална хигиена“, Мирче Паунов e нов в.д. директор на КЈП „Водовод“ – Кочани.
Одлуката за негово именување на функцијата ја донел в.д. градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски, откако претходниот директор на комуналното претпријатие, Кирил Ковачев си поднесе оставка. На директорската позиција Ковачев беше од 9 јануари до 9 април.
– Паунов е внатрешно решение за КЈП, со кого заеднички ќе работиме на финансиска консолидација, реорганизација и подобрување на сите услуги што ги испорачува „Водовод“. Ќе бидеме фокусирани на скратување на сите непотребни трошоци сѐ со цел „Водовод“ што побрзо да излезе од финансиската криза. Мирче Паунов е чесен човек, кој доаѓа од угледно семејство и верувам дека ќе ја продолжи традицијата на значаен јавен придонес за заедницата. Со назначувањето на Паунов започнуваме со департизација во раководењето и вработувањата и професионално функционирање на јавниот сектор, истакнува в.д. градоначалникот Крстевски.

Мирче Паунов е дипломиран машински инженер кој во комуналното претпријатие е вработен од 2011 година.
Во рамки на активностите околу комуналното претпријатие, в.д. градоначалникот Крстевски најави дека од Државниот завод за ревизија ќе побара вонредна ревизија за работењето на „Водовод“. Претходно тој информираше дека според првичните сознанија, финансиската загуба е околу 3 милиони евра, од што најголем дел се обврски за неплатена електрична енергија.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.