Вториот круг од локалните избори за градоначалник во општините од микрорегионот ја потврди состојбата од гласањето од пред две недели, а единствена промена во резултатот имаше во општина Зрновци.
Според резултатите што ги објави Државната изборна комисија, кандидатот на коалицијата предводена од СДСМ, Ванчо Митев доби 691 глас, односно 12 гласа повеќе од кандидатот на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Борчо Коцев за кого гласале 679 избирачи. Со тоа гласачите во општина Зрновци довербата за нов градоначалнички мандат му ја даваат на Митев.

Во Чешиново-Облешево кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Јорданчо Костадинов оствари предност од 52 гласа во однос на противкандидатот Горанчо Крстев од коалицијата на СДСМ. За Костадинов гласале 1.642 граѓани, додека Крстев доби 1.590 гласа.

Во општина Виница кандидатот од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Митко Костадиновски доби 4.449 гласа, пред кандидатот на коалицијата на СДСМ, Гоце Милевски за кого гласаа 3.320 избирачи.

Карактеристично е што во двете помали општини во вториот круг на локалните избори е регистрирана поголема излезност на гласачите во однос на првиот круг, при што во Чешиново-Облешево е повисока за 3,03 отсто, а во Зрновци за 1,32 отсто. Во општина Виница пак, скоро и да нема промена во излезноста, односно во вториот круг регистрирано е незабележливо намалување од 0,08 отсто.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






