Кочани денеска беше дел од 33. издание на мото релито „Македонија – Независност 2024“. На настанот учествуваа околу 400 мотоциклисти од државата и странство кои за три дена со моторите ќе ја заобиколат целата држава по претходно договорена маршрута.
Мото релито почна во Скопје, а првата попатна пауза беше токму во Кочани.
-Мото клубот „Желки“ од Кочани веќе петти пат организира пауза на мото релито „Македонија – Независност“. Знаеме дека тоа е манифестација што се одржува 33 години без прекин, а ние како домаќини ги угостуваме нашите колеги мотоциклисти со храна и пијалаци и им овозможуваме освежување. Јас се заблагодарувам на сите спонзори кои помогнаа да се реализира овој настан, истакна Момчило Хаџи Паунов, претседател на МК „Желки“ од Кочани.
-Со релито продолжуваме кон Виница, Берово, потоа Струмица каде имаме пауза потоа одиме во Дојран каде што имаме вечера и забава и ова е крај за првиот ден. Вториот ден тргнуваме од Дојран и одиме во Гевгелија, Неготино, Кавадараци каде што имаме и пауза, а потоа Битола, Галичица и последната дестинација за вториот ден е Охрид. Таму имаме завршна вечер и доделување на наградите. Третиот ден тргнуваме од Охрид и одиме кон Кичево каде имаме и пауза, а потоа возиме кон Стража, Гостивар, Тетово и Скопје е последната дестинација каде го завршуваме релито, истакна Зоран Трајковски претседател на Мото федерацијата.
Мото релито „Македонија – Независност“ е единствен спортски настан што во континуитет се одржува повеќе од три децении, а неговата цел е промоција на мотоциклизмот како спорт.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.