Голем интерес меѓу граѓаните на Кочани предизвика гостувањето на Скопското астрономско друштво, кое вечерва им овозможи преку телескоп да го набљудуваат природниот Земјин сателит – Месечината.
Во Паркот на Револуцијата дојдоа над стотина заинтересирани, кои по кратките инструкции од членовите на астрономското друштво, уживаа во глетката на скоро полниот месечев диск што во раните вечерни часови се издигна над крошните на дрвјата во Паркот.

-Ние сме гости тука денеска во Кочани на покана на Центарот за психосоцијална и кризна акција „Малинска“. Тоа се психолози психотерапевти коишто ја креираа оваа програма заедно со Општина Кочани, со Локалниот младински совет и со SupportKocani со цел да обезбедат една понуда, интересна програма за сите граѓани на Кочани и на околните места. Програмата се вика „Лето во друштво“, а ЦПКА „Малинска“ заедно со организаторите ги поканува сите да се приклучат, активностите се бесплатни, а се фокусираат на млади луѓе. Значи, сите коишто ќе се пронајдат во активностите, а има разни активности, спортски игри во природа, едукативни активности во коишто спаѓа гостувањето на Скопското астрономско друштво, како и други активности од образовен карактер, психолошки и уметнички работилници и активности. Има од фотографија, од музички активности, од уметнички активности, значи психолозите заедно со домаќините имаат организирано навистина една многу богата програма. Ние, членовите на Скопското астрономско друштво, сме навистина среќни и горди што можеме да придонесеме и да ја отпочнеме да речеме оваа програма уште пред нејзиниот вистински почеток, истакна Љубинка Брашнарска од Скопското астрономско друштво.

Ведрата августовска вечер овозможи без проблеми да се види Месечината која поради своето природно движење ги принуди членовите на Астрономското друштво неколкупати да го поместуваат телескопот за да се избегнат гранките од дрвјата при набљудувањето.

-Идејата беше да се покажат небесните тела, меѓутоа во овој период може да се види само Месечината, а таму во септември и октомври ќе почнат планетите да се гледаат, но тогаш ако се договоривме. Сега сме два-три дена пред полна Месечина и се гледаат многу убаво и кратери. Затоа сме тука, да покажеме дека имаме и небо над глава, обично луѓето забораваат дека имаме некои убави работи горе на небото. Науката си оди напред, технологијата оди напред, јас со астроноја се бавам активно триесетина години и низ мои раце поминале многу телескопи и многу опрема. Можам да кажам дека да не е науката и технологијата, која ни овозможува такви работи, нема да имаме вакво угодно и пријатно гледање како сега го имаме. Сега телескопов ние не мораме ништо да го чепкаме, тој сам си ја следи Месечината, окуларите се фини, широки, така што е пријатно за гледање, а порано тоа беше многу многу полошо, мораше сето тоа рачно да се поместува и беше како низ дупка да гледате, истакна Радан Митровиќ, член на Скопското астрономско друштво.

Набљудувањето на Месечината во Паркот во Кочани траеше неколку часа, односно додека видикот на хоризонтот не беше попречен од околните згради.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






