Членовите на навивачката група „Сејмени“ ќе му дадат поддршка на својот миленик „Осогово“ во бараж натпреварот за влез во Втората фудбалска лига. Тие веќе се организираат за патување во Скопје, каде жолто-сините ќе ја играат одлучувачката средба против второлигашот „Тетекс“.
Според најавите што доаѓаат од кочанските „Сејмени“, автобускиот превоз до стадионот во скопската населба Маџари ќе биде бесплатен, а тргнувањето е од Паркот на Револуцијата во Кочани, в недела, во 14 часот.
Натпреварот во Скопје е оценет како најинтересен, особено што тетовчани гледаат можност да го зачуваат второлигашкиот статус, а победа за „Осогово“ ќе значи враќање во повисок ранг по една сезона настап во Третата лига. Покрај оваа средба, во Тетово ќе се сретнат „Влазерими“ и „Башкими“, а во Кичево – „Вардар“ од Неготино и „Новаци“.
Трите бараж натпревари за влез во Втората лига ќе се играат в недела со почеток во 17 часот.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.