Рок групата „Тенеси“ е добитник на наградата за животно дело за 2018 година, а компанијата „Антура МК“ го доби признанието за значајни остварувања во развојот на општина Кочани во изминатиот едногодишен период.
Со појавата во почетокот на 60-те години од минатиот век, музичарите од „Тенеси“ се сметаат за пионери и основоположници на рок музиката во Кочани и пошироко кои оставиле белег во развој на културата. Компанијата „Антура МК“ пак, за краток период од отворањето прерасна во еден од најзначајните стопански капацитети во регионот во кој постојано се инвестира и во моментот се вработени на 500 лица.
Одлуките и образложенијата беа донесени на седницатa на Одборот за доделување награди и признанија на Општина Кочани, на која се сумираа предлозите што пристигнале по јавниот повик за наградување на поединци, групи творци, екипи, установи, трговски друштва и граѓански здруженија кои постигнале забележителни резултати.
– Имавме одлука за доделување награда за животно дело, каде што имавме еден единствен предлог и одлука за соделување награда за значајни остварувања за развојот на општина Кочани, каде што имавме три предлози. Бидејќи за награда за животно дело имавме еден предлог беше едногласно избран вокално-инструменталниот состав „Тенеси“, а за наградата за значајни остварувања имавме три предлози од кои најмногу гласови беше избрана компанијата „Антура МК“ – Кочани. За наредниот период апелирам до граѓанитеи сите правни субјекти да има поголема заинтересираност и поголем број пријавени, бидејќи сметаме дека во општина Кочани има доста квалитетни луѓе кои заслужуваат да добијат награди, како за животно дело кои дале доста голем придонес, како и за остварување значајни дела за развој на општина Кочани, рече Емилија Серафимова, претседателка на Одборот за награди и признанија.
Со одлука на Советот на Општина Кочани од годинава се укина паричниот дел на наградите и признанијата и тие се доделуваат во вид на плакети, а врачувањето ќе биде на свечената седница што ќе се одржи на 12 јули, по повод празникот на градот – Петровден.
T. Aјтовски
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.