По повод 7 септември – Денот на ослободувањето на Кочани, наградата за животно дело годинава му беше доделена на архитектот Александар Гицов за неговиот придонес во урбанистичкото планирање и архитектурно обликување на објекти во градот и пошироко.
Признанието за значајни остварувања во развојот на општината му припадна на Ротари клубот Кочани – Виница, при што образложение на одлуките за двете награди даде претседателката на општинскиот Одбор за доделување награди, Кристина Атанасова Арсова.
-Александар Гицов има исклучителен архитектонски опус, неговото творештво е бројно, со плодни проекти, креативно и огледало на неговата најдлабока имагинација, необично хумано, потопено во несебичната човекољубивост, а во чие жариште беше неговиот најсакан и роден град Кочани. Дипломирал на Архитектонскиот факултет во Скопје каде бил и соработник, а магистрирал во Белград, но својата кариера ја продолжува во Кочани во проектантската фирма „Панорама“, потоа во сопствено проектантско биро, а бил главен градски архитект и раководител на одделението за урбанизам и заштита на животната средина. Ротари клубот Кочани – Виница во десетгодишното постоење успешно спроведе многу хуманитарни акции и помагаше во сферата на здравството, образованието, спортот и за лицата со посебни потреби. Една од главните заложби на неговите членови е работење за заедницата, со активности во двете општини преку многубројни проекти, донации и акции, како и проширување на ротаријанството во соседните општини Штип, Берово, Делчево и Пехчево. Минатата година беше потпишан стратешки договор од 1,7 милиони долари за проекти во Источниот плански регион за наредните пет години, истакна Атанасова Арсова.
На свечената седница по повод општинскиот празник поздравно обраќање имаше градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, при што направи и осврт на реализираните проекти во изминатиот едногодишен период.
Во културно-забавниот дел на седницата настапија ученици од основното музичко училиште „Ристо Јуруков“ ид гимназијата „Љупчо Сантов“.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.