Општина Зрновци и Локалниот совет на млади денеска беа организатори на втората меморијална урбано-ридска трка „Васе Ангелов“, што се трчаше на патека долга 2,5 километри, од мултинаменското спортско игралиште на влезот во Зрновци до манастирот „Св. Тома“ во кањонот на реката Зрновка.
Под мотото „Младите трчаат“, на трката учествуваа над 150 натпреварувачи од сите возрасни категории, кои успешно ја истрчаа патеката и ја остварија заложбата на Локалната самоуправа за традиционално одржување на настанот.
-Трката ја организираме со две цели, да го одржиме споменот на нашиот млад сограѓанин и другар Васе Ангелов, како и да ги мотивираме младите да учествуваат во спортско-рекреативни активности во природа. Настанот веќе добива регионален карактер со оглед што имаме учесници и од соседните општини Кочани, Виница и Чешиново-Облешево, а се надеваме дека од догодина ќе дојдат и гости од други места во регионот и пошироко. Упатувам благодарност до семејството Ангелови кои даваат поддршка во организирањето на целата манифестација, истакна Борчо Коцев, градоначалник на општина Зрновци.
Придонес во одржувањето на меморијалната трка дадоа и членовите на Локалниот совет на млади од општина Зрновци, кои се вклучија во организациските и оперативните активности.
– Оваа трка е дел од нашата годишна програма за активности со кои работиме на мотивирање на младите да трчаат и да спортуваат. За најдобрите тројца во машка и женска конкуренција обезбедивме награди и признанија за учеството на настанот, истакна Елена Ристова, претседателка на Локалниот младински совет.
Урбано-ридската трка во Зрновци доби поддршка и од Доброволната планинска спасителска служба „Осогово“ – Кочани, Црвениот крст, МВР и Општата болница од Кочани.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.