Над 2,5 милиони денари, без обврските за ДДВ, планира да потроши Локалната самоуправа на Кочани до крајот на оваа година за крпење на прекопувањата и на ударните дупки на улиците што се наоѓаат на нејзината територија.
Сумата е за една третина, односно за околу еден милион денари, помала во споредба со минатата година, а со овие пари се предвидува да се санираат и преасфалтираат површини од околу 1.600 квадратни метри.

Дел од планираниот износ ќе се намени и за набавка на дробен камен како тампон, за машинско сечење и кршење на асфалтни и бетонски површини од 1.400 квадратни метри, како и за чистење, утовар и транспорт на извадениот материјал до депонија одредена од страна на Општината.
По реконструкцијата на прекопите и дупките треба да се вгради асфалтен слој со дебелина од 7 сантиметри, а градежните работи е предвидено да се одвиваат сукцесивно во период од 8 месеци, според потребите на терен, а за што од Општината ќе доставуваат барање до изведувачот на услугата.

Веќе е објавен јавниот повик за избор на давател на услугата и истиот трае до 28 март, по што ќе можат да започнат и работите на терен.
Поголем дел од улиците во општината се дотраени, со ударни дупки и оштетувања што налагаат итна интервенција токму пред почетокот на пролетната сезона.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.