Организирањето на редовните локални избори за градоначалници и за членови на општинските совети, што треба да се одржат во октомври годинава, ги ангажираше општинските изборни комисии да почнат со подготовките.
Општина Кочани веќе го објави јавниот повик за избор на фирма за превоз на патници во државата и во странство, како и за потребите на Општинската изборна комисија. Зa оваа намена се планира од општинскиот буџет да се потрошат околу 750 илјади денари во нето износ, односно без обврските за ДДВ.

Со нешто помалку од половина од износот, односно 320 илјади денари без ДДВ, треба да се покријат трошоците за превоз на членовите на избирачките одбори и на изборниот материјал до гласачките места во општината, во два круга на гласање.
Плаќањето на трошоците ќе биде по изминат километар, а превозот ќе се врши на 12 релации, односно од седиштето на Општинската изборна комисија до гласачките места во градот, во рамничарските и планинските села, како и до Државната изборна комисија во Скопје. Според пресметките, на денот на изборите до одредени гласачки места ќе се вози во три тури и ќе се помине вкупно растојание од близу 1.100 километри.

Воочливо е дека иако има најмал број гласачи, најмногу ќе чини превозот до избирачките места во планинските села. Најдолги се релациите до Јастребник и Главовица каде во три тури треба да се поминат вкупно 320 километри, односно за 100 километри повеќе отколку одењето до ДИК во Скопје. Притоа, се бара превозникот што ќе биде избран со тендерската постапка да обезбеди соодветни теренски возила – џипови со минимум 5 седишта.
Пријавувањето на заинтересираните даватели на услугата за превоз на патници по јавниот повик трае до 28 јули.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






