На конкурсот за карикатура што го објавија Домот на културата „Тошо Арсов“ од Виница и Советот на Фестивалот за хумор и сатира „Ин Виница веритас“ своите творби пријавиле 224 автори од 46 дражви од светот. До крајниот рок за испраќање на трудфовите пристигнале вкупно 622 карикатури.
Темата на која годинава работеа карикатуристите е „Нештата стануваат возможни“, а според пропозициите секој учесник можеше да испрати најмногу по три дела.
Пристигнатите творби ќе ги разгледува и оценува стручна жири комисија, а најдобрите три ќе бидат парично наградени. Вкупниот награден фонд на конкурсот изнесува 600 евра, а наградите на добитниците ќе им бидат врачени на отворањето на изложбата на карикатури, на почетокот на фестивалот „Ин Виница веритас“.
Според веќе утврдениот распоред, Фестивалот ќе биде отворен на 18, а ќе трае до 21 октомври. Подготовката на фестивалската програма е при крај и официјално ќе биде соопштена викендов, информираа од Домот на културата „Тошо Арсов“.
Со оглед што во тек се градежни работи за реконструкција на објектот во кој вообичаено се одвиваат активностите и програмските содржини, стендап и театарските изведби ќе бидат на алтернативни локации во Виница, што ќе можат соодветно да одговорат на потребите и на изведувачите и на публиката.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.