Со резултат од 50:38 кошаркарите од СОУ „Гошо Викентиев“ го совладаа тимот на средношколците од „Љупчо Сантов“. Тие одиграа хуманитарен натпревар што го организираше Општинската организација на Црвен крст – Кочани во рамки на проектот „Промоција на хумани вредности“.
Од продажбата на влезници собрани се над 27 илјади денари што ќе бидаат наменети за уредување на просторија на Црвен крст, како и на Здружението на лица со попречен вид и слух.
-Општинската организација на Црвен крст повеќе од 25 години е вклучена во ПХВ проектите, а оваа година се вклучени повеќе од 30 младинци кои се обучени за работа и активен пристап кон животот, односно помагаат на лицата на кои им е потребна помош. Собраните средства од хуманитарниот натпревар ќе бидат наменети за реконструкција на просториите на Здружението за лица со попречен вид и слух. Со овие пари ќе им се обезбедат работи за интеракција и задоволување на нивните потреби, истакна Рената Спасова, дисеминаторка на проектот.

Во рамки на проектот „Промоција на хумани вредности“ во Кочани се вклучени пет тима кои работат во различни области.
-Главната цел на втората група е да обезбеди потребни матреијали на Итната медицинска помош – Кочани. Другиот тим работи со лица од ромската заедница, односно им помага во вклучувањето на децата во наставата и нивно подобрување во говорот на македонски јазик. Третата група работи со четиричлено семјство, а последната работи во општина Зрновци, односно ќе помогне да се купат потребните работи за интеракција на младите, додаде Спасова.
Главната цел на проектот „Црвен крст во акција – Промоција на хумани вредности“ е вклучување на младите со различна етничка припадност во заеднички проекти за изградба на взаемното разбирање и толеранцијата. Мисијата пак е промовирање на културата на дијалог како основен предуслов за создавање на интеркултурно општество и промовирање на активно знаење и активен однос кон животот, преку принципите и вредностите на Црвениот крст.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.