На голем црковно-народен собир, што денеска се одржа кај филтер станицата за вода во Зрновци, беше осветен Македонскиот крст на чие поставување се работеше во текот на овој месец.
Чинот на осветувањето го изведе митрополитот брегалнички Иларион во сослужение на свештеници од кочанското архиерејско намесништво, а крстот е поставен по барање на жителите на Зрновци со донација од нивен сограѓанин.
-Крстот е изработен од метална решетка, има височина од 18,5 метри, а ширината на краците изнесува 14 метри. Материјалите и поставувањето се донација од семејството на Јоце Гоцев. Јас и Советот на Општината помогнавме со усвојување на соодветна одлука за локацијата, за пробивање на сообраќајниот пристап и партерното уредување на целиот простор, како и за обезбедување електрична енергија и осветлување на крстот. По чинот на осветувањето тој е предаден во владение на МПЦ-ОА и нејзината Брегалничка епархија, истакна градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев.
Митрополитот брегалнички Иларион упати благослов до донаторите и сите кои помогнале за поставување на Македонскиот крст, порачувајќи тој да стане радост за сите жители, а неговата околина да прерасне во место за духовно обединување, како доказ дека на овие простори живееле и ќе живеат христијански граѓани кои ќе го чуваат и ќе сведочат за православието.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.