Бактериолошки и хемиски неисправна е водата од јавниот водовод во виничкото село Трстија, поради што издадено е известување дека не треба да се користи за пиење и за други потреби во домаќинствата.
Испитувањето на примероци од водата извршил Центарот за јавно здравје од Кочани, при што освен во ова село, редовна контрола е направена и во Виничка Кршла-Божанско маало, потоа во Пекљани, Градец, Калиманци, Трсино, Крушево и во селото Драгобраште. Во сите останати населени места наодите покажале дека водата е исправна за користење, односно е во рамки на дозволените законски и стручни бактериолошки параметри и физичко-хемиски анализи.
Од добиените резултати утврдено е дека водата од чешмата во продавницата во селото Трстија не одговара на пропишаните вредности. Кај примерокот вода што бил земен минатата недела утврдено е присуство на колиформни бактерии, односно зголемен број бактерии на температура од 36 степени Целзиусови на еден милилитар. Исто така, констатирано е и присуство на цревни ентерококи и бактерија ешерихија коли.

Во однос на физичко-хемиската анализа, водата од чешмата во Трстија не одговара поради зголемената потрошувачка на калиум перманганат и видливата обоеност. Од утврдените резултати од испитувањата констатирано е дека водата не е безбедна за употреба без соодветен третман.
Центарот за јавно здравје веќе доставил известување до Општина Виница за состојбата со јавните извори во осумте селски населби, при што препрачува да се врши редовна дезинфекција кај сите водоводи, а населението во Трстија да биде информирано за неисправноста на водата.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.