Нема да поскапи водата за пиење од градскиот водовод, а ќе нема покачување ниту на цените на услугите за собирање и одведување, како и за пречистување на отпадните води. Таква одлука донесе Советот на Општина Кочани на 30. редовна седница што се одржа денеска.
Неизгласувањето доаѓа само по еден месец од претходното отфрлање на барањата на Управниот одбор на КЈП „Водовод“ за поскапување, а истите повторно беа доставени на разгледување.
И покрај координациите на советничките групи за дневниот ред на седниците, на две седници во период од околу еден месец се ставаат точки што без никакви измени веќе не добиле мнозински број гласови.
-На претходната седница имаше образложение на точките, но не беа изгласани. Зошто сега повторно ги ставаме на дневен ред. Образложение поради која причина повторно ги ставаме точките на дневен ред. Законски како е процедурата, да се оди втор пат, трет пат, четврти пат? Или ако ние не ја изгласаме точката, повторно ќе се најде на дневен ред или не оди до Регулаторна комисија, праша советникот Ивица Лазаров.
Слично како и на претходната седница, од раководството на „Водовод“ само кратко информираа дека барањето за поскапување на дел од услугите е во рамки на законската процедура што се реализира според препораките од Регулаторната комисија за енергетика.
-Ова е предлог на Регулаторна комисија, има рамка, но најдолната тарифа е помала од сегашната, така што ова се нивни препораки, истакна директорот на „Водовод“, Антонијо Паунов.
Без многу дилеми и натегања, со по 5 гласа „воздржани“ и „против“, советниците не дадоа согласност за поскапување на водата за пиење и за услугите за пречистување, собирање и одведување на отпадните води.
Сепак, останува отворено прашањето дали и на наредната седница повторно ќе бидат поднесени истите барања од „Водовод“, со оглед што нема законски и други пречки за такво нешто.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.