Ниту еден хектар државно земјиште не бил засаден со шума минатата година на територијата на општина Виница, со која стопанисува шумското стопанство „Плачковица“ на ЈП Национални шуми. Главната причина за тоа се законски недоследности во надлежностите за обновување на шумскиот фонд, со оглед што според катастарскиот план површините се заведени како пасишта.
Согласно шумско-стопанските основи, виничката шумска подружница лани имала обврска да пошуми осум хектари, но вработените воопшто не го реализирале планот.
-Се работи за голем проблем што се јавува околу уредувањето на шумите и пошумувањето затоа што со површините што ни се предвидени за пошумување стопанисува друг субјект, тоа е Јавното претпријатие за пасишта. Имаме проблем што не можеме да ги засадиме површините што ни се дадени според шумско-стопанските основи, поради што во 2024 година немаме пошумено ниту еден хектар. За оваа година ќе бараме можност да издејствуваме нешто, дали со договор со ЈП за пасишта или да оставиме тоа да го решаваат повисоки инстанци, па да очекуваме дека нешто ќе пошумиме, истакна Љупчо Венков, директор на шумското стопанство „Плачковица“ – Виница.

Покрај неисполнувањето на планот за пошумување, дополнителен проблем е заштитата на шумските ресурси поради недоволниот број вработени во подружницата, па се договораат заеднички акции со Шумската полиција.
-Располагаме само со четири шумочувари со оглед што бројот на вработените е драстично намален во однос на претходно. Тие треба да заштитуваат шума на површина од 25 илјади хектари, што е огромна територија за која некогаш се грижеле над дваесет шумочувари. Практично, тие сега не можат да ги покријат сите реони, поради што организираме патролно чување, но ни се провлекуваат доста проблеми околу заштитата на шумите, додаде Венков.

Покрај нелегалната шумска сеча, голем проблем е недоволниот третман против растителни заболувања, односно оштетувања на шумата што ги предизвикува т.н. боров четник и други штетници на локалитетите Бандера, Превалец и Кале.
Во текот на минатата година биле регистрирани и шест пожари, од кои најголем бил во месноста Детлово каде огнот зафатил млади насади од црн бор и предизвикал штета од над 800 илјади денари.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.