При крај е отстранувањето на техничките недостатоци на новиот објект на градинката „Павлина Велјанова“ во населбата Драчевик, по што се очекува да биде ставен во функција и наскоро во него да влезат дечињата.
Од Општина Кочани информираат дека нашле заеднички јазик со Министерството за социјална политика и конечно ќе може да се обезбеди предучилишно згрижување за над стотина деца.
На 50. седница на Советот на Општината градоначалникот Љупчо Папазов истакна дека повеќето технички проблеми на објектот се решени, а со отстранувањето и на уште еден недостаток новата градинка ќе може да се користи.
-Во текот на оваа година најголемиот проблем со фасадата беше отстранет, односно беше поставена нова фасада. Дел од малите проблеми со појавувањето на влага и други технички недостатоци се отстранети, а останува уште еден технички проблем за кој луѓето од општинската администрација кои се надлежни за следење на реализацијата на овој проект дадоа свое решение, за кое надзорот има свое мислење. Истото е упатено до изведувачот на работите и очекуваме дека ресорното министерство ќе има сила и енергија многу брзо да го принуди да ги отстрани тие недостатоци, и да бидеме во можнопст да биде пуштена градинката, истакна Папазов.
Општина Кочани веќе поднела барање до ресорното министерство за добивање одобрение за извршување на дејноста згрижување и воспитување на децата, а што се однесува на новиот објект на градинката.
-Ова барање го поднесуваме по втор пат, со оглед што претходното беше одбиено поради то што не беа исполнети техничките услови. Сега очекуваме позитивен одговор после исполнувањети на условите, односно по отстранувањето на единствениот недостаток што е пречката за добивање на такво одобрение, додаде Папазов.
Новата градинка во населбата Драчевик почна да се гради пред околу 4 ипол години во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го реализираше тогашното Министерството за труд и социјална политика, а со финансиска поддршка од Светска банка. За изградбата на објектот Општината доби грант од околу еден милион евра, а имаше и сопствено учество во подготвителните работи.
Капацитетот на градинката е проектиран за 110 деца, со шест занимални, на две нивоа со вкупна површина од 995 квадратни метри. Се работи за современ, компактен објект од отворен тип, со можност за поширока комуникација меѓу децата и за поттикнување на нивната креативност.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.