Ловниот резерват Полаки на Осоговските Планини во атарот на Кочани ќе добие нова заштитна ограда и опрема, а ќе биде зголемен и бројот на дивечот, со што ќе се овозможи унапредување на високобуџетниот ловен туризам.
Постапката за обновувањето на условите што ги нуди ловиштето е со финансиска поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), а партнери во проектот се Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, ЈП „Национални шуми“, Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ од Скопје, Македонско еколошко друштво и Универзитетот за применети науки во Берн, Швајцарија.
– Во тек е јавната набавка за обновување на жичената ограда во должина од шест километри на ловиштето Полаки. Освен тоа ќе се набават и постават термални камери и друга опрема за заштита на резерватот, а ќе се збогати и фондот на дивечот. Со тоа ќе добиеме современо ловиште и конечно ќе се врати сјајот на нашиот планински бисер – Осогово, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.
Главни цели на проектот се подобрување на популацијата на диви животни, особено кај копитарите и да се воведе систем за мониторинг на дивите животни во просторот со кој управува ЈП „Национални шуми“, како и да се обноват поранешните добри практики за одржлив ловен туризам и да се внесат нови грла благороден елен.
Реконструкцијата на оградатаи опремувањето на ловниот резерват е дел од проектот „Градење на капацитети за одржливо управување со дивечот во ловиштето Полаки“, што се спроведува во рамки на Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија – фаза 2 (ПЗП) како проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од „Фармахем”– Скопје.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.