Со добивањето на уверенијата по завршениот втор круг од локалните избори, новиот градоначалник Владко Грозданов и членовите на Советот на Општина Кочани и официјално го почнуваат својот мандат.
Во салата на Советот во Мултикултурниот центар, претседателката на Општинската изборна комисја, Билјана Димовска Гичева им честиташе на изборот и им посака успешна и ефикасна работа во исполнувањето на проектите и решавањето на комуналните прашања што се од интерес на граѓаните.

-Со ова го заокружуваме изборниот процес и ја потврдуваме волјата на граѓаните, изразена на демократски и транспарентен начин. На сите избрани им посакуваме успех во работата, одговорно и посветено извршување на доверените функции. Многу заеднички успеси за доброто на општина Кочани и нејзините граѓани. Честитки и нека мандатот биде исполнет со успеси и дела од кои ситре ќе се гордееме, истакна Димовска Гичева.
На доделувањето на уверенијата присуствуваа сите избрани на функциите, по што следуваше вообичаеното заедничко фотографирање пред општинската зграда.

Веднаш по добивањето на уверенијата следеше и примопредавање на функцијата меѓу досегашниот в.д. градоначалник Венко Крстевски и новиот Владко Грозданов.
-Денеска ја преземам функцијата градоначалник што ја прифаќам како голема чест, но и длабока одговорност. Во овој момент да се биде градоначалник на Кочани е сѐ, а најмалку функција. Повеќе е одговорност, обврска, еден завет, една храброст, па дури и повеќе од храброст. Му се заблагодарив на мојот претходник Венко Крстевски за досегашниот ангажман и секое добро што го има направено за овој град е за почит и за поздрав. Сакам да се заблагодарам до сите граѓани кои ја дадоа поддршката за мене и за мојата опција, и од овде јавно сакам да истакнам дека нема да ве изневерам, Сакам да се обратам и до оние кои не ја дадоа поддршката, јас не сујм човек кој пати од суети и комплекси, нојата врата секогаш ќе биде отворена и за вас. Ветувам дека ќе го вложам мојот максимум, ќе дадам сѐ од себе, ќе ја дадам целата моја енергија да биде Кочани едно солидно и одбор место за живеење, истакна Грозданов.

На примопредавањето на мандатот, в.д градоначалникот Крстевски му посака на новиот градоначалник успешна работа во наредниот период.

По добивањето на уверенијата и започнувањето на работните обврски, советниците постигнаа договор в среда да се одржи конститутивната седница, на која ќе се официјализираат и координаторите на советичките групи, по што и официјално Советот ќе може да отпочне со работа.
Се очекува првата работна седница, на која ќе се разгледуваат прашања што се од надлежност на советниците да се одржи до крајот на оваа недела.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






