Новоформираниот футсал клуб „Фудбал старс – Аутовелт“ вечерва го одржа првиот тренинг во рамки на подготвителниот период пред почетокот на првенството во Втората футсал лига.
На прозивката што ја направи тренерот Симеон Митев дојдоа дванесет фудбалери, а во наредниот период ќе им се придружат уште неколкумина. Тренинзите и натпреварите ќе се реализираат во спортската сала на ОУ „Никола Карев“, каде има најсоодветни услови за работа.

-На списокот во ростерот веќе имаме 15 играчи од кои некои и претходно играле во футсал лигата. Првенството почнува, како што имаме сознанија, во средината на октомври. Ние сме нова екипа во лигата, новоформиран клуб и ова година само ќе ги испитуваме силите со противниците, да видиме каде сме ние, а до каде се противничките екипи. Ќе работиме на подобрување, за понатаму да ги оствариме амбициите за повисок ранг, истакна тренерот Митев.
За нормално одвивање на тренинзите и за одигрување на натпреварите обезбедено е покривање на почетните трошоци од страна на спонзорот „Аутовелт“, но се очекува поддршка и од други субјекти.

-Ние сме веќе во контакт со Фудбалската федерација и со нашиот Општински фудбалски сојуз за помош околу опрема, топки, маркери и друго. Овде ни е и спонзорот кој веќе обезбеди дресови за натпреварите, а благодарни сме и за другата поддршка од „Аутовелт“, додаде Митев.
Во претстојната натпреварувачка сезона во Втората футсал лига, според најавите, ќе учествуваат 12 екипи од кои дел се со повеќегодишно искуство и веќе настапувале во повисок ранг. По испаѓањето од Првата лига, во второлигашкото друштво годинава ќе се натпреваруваат и екипите на „Црна Река“ од Кавадарци и „Железарец“ од Скопје.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






