По извесен период без прв човек, Полициската станица во Виница наскоро треба да го добие новиот командир.
Листата со кандидати за кои е дадена согласност од Министерството за внатрешни работи, до Локалната самоуправа била испратена минатата недела, а според законските одредби Советот на Општината изборот треба да го направи во рок од две недели. Токму затоа како една од точките на дневниот ред тој ќе се најде на 26. Седница закажана за в понеделник, 25 декември.
Официјално во игра за избор на нов командир се имињата на Столе Алексов од Кочани, чиј актуелен ангажман е во Одделението за внатрешни работи во Виница. Тој има завршено високо образовние, а во службата е со искуство од над осум години. Втор кандидат за функцијата е Влатко Гигов од Штип, кој има и најдолго полициско работно искуство од близу 24 години. На листата на кандидати се наоѓа уште еден штипјанец – Влатко Наумов, кој како и претходниот кандидат има долг работен стаж со полициските задачи од скоро 23 години.
Според образложението за кандидатие, тие ги исполнуваат условите што ги пропишува Министерството, односно имаат завршено соодветно високо образование и минимум 6 години работно искуство во полицијата.
Предлог листата е потпишана од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а членовите на Советот на Општина Виница треба да го направат изборот и да достават повратно известување за одлуката.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.