На улицата “Генерал Апостолски” во Зрновци инсталирани се сферни сообраќајни огледала на петте најкритични места, регулатори на брзина на движење, како и сообраќајни знаци согласно режимот на сообраќај.
-Општина Зрновци иако најмала во регионот, бележи зголемен број посетители, особено во летниот период, а посебно е атрактивна со својата уреденост, природната свежина и прекрасните угостителски локали покрај реката Зрновка. Паркот и плоштадот во вечерните часови се преполни со млади и повозрасни, а голем број на пешаци се движат по уредените улици и тротоари покрај самиот кеј на реката, истакна градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев.
За поголема безбедност и избегнување немили настани предизвикани од моторни возила, воспоставен е сообраќаен режим на улицата „Генерал Апостолски” којашто се протега од плоштадот „Св. Димитрија“ до мостот кај Соколаната. Согласно сообраќаен проект, позитивно мислење од СВР – Штип и решение од градоначалникот, оваа улица во текот летниот распуст на учениците, односно во месеците јуни, јули и август, во период од 17 до 5 часот наутро ќе биде затворена за сообраќај за моторни возила.
Од Општина Зрновци упатуваат апел за почитување на режимот за сообраќај и сите заедно да придонесат за зголемување на безбедноста.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.