Обвинителскиот тим кој беше ангажиран во истрагата на пожарот во „Пулс“ го анализирал целокупниот прибран доказен материјал и денеска до Основниот суд во Кочани поднесе Обвинителен акт против 34 физички и три правни лица за кривични дела поврзани со пожарот во клубот „Пулс“, информираше јавниот обвинител Љупчо Коцевски.
-Тројца обвинети во својство на одговорни лица, сопственици и управители на правното лице Друштво за производство, трговија и услуги КЛАСИК ДМ ДОО Кочани со подружницата Кабаре ПУЛС Кочани, односно Друштво за производство, трговија, услуги и угостителство ММММ КАФЕ ДООЕЛ Кочани со подружницата на правното лице КЛУБ ПУЛС Кочани, од 13.12.2012 година до 16.03.2025 година во наведениот објект вршеле угостителска дејност, иако:
– објектот не ги исполнувал минимално техничките услови за вршење угостителска дејност согласно чл.6 од Законот за угостителска дејност,
– за тоа немале решение за одобрение за реконструкција со пренамена од градоначалникот на Општина Кочани согласно чл.97 ст.5 од Законот за градење,
– објектот не бил предвиден за намена Б3 односно големи угостителски единици
– за објектот немало основен проект за реконструкција со пренамена согласно Член 47, став (1) од Законот за градење, со соодветни архитектонски, градежни (статика со сеизмика), електротехнички сообраќајни, термотехнички и други проекти и елаборати согласно намената на градбата, како и посебен елаборат за заштита од пожари, експлозии и опасни материи согласно член 70 од Законот за заштита и спасување,
– не донеле и изработиле план и процена на загрозеност и план за заштита и спасување согласно чл.13 и чл.39 од Законот за заштита и спасување, истакна Коцевски.

Јавниот обвинител информираше дека првообвинетиот во временскиот период во 2012 и 2024 година во повеќе наврати преземал градежни дејствија со кои извршил реконструкција со пренамена на објектот при што неконтролирано без стручен надзор вградувал несоодветни материјали-синтетички, полимерни материјали и полиуретански сунгер кои носат ризик од лесно започнување и брзо ширење на пожар и други опасности од пожар. Практично, во објектот не бил испочитуван ниту еден пропис во однос на квалитетот на вградените материјали, носивоста и стабилноста на конструктивните елементи, бројот и големината на излезите за евакуација, бројот на паркинг места, преградувањата на објектот, но и во однос на предвидување, располагање и употреба на соодветни уреди и инсталации за заштита од пожари и експлозии, друга противпожарна опрема, средства за гаснење на пожари и противпожарни апарати.
-Обвинет е и братот на првообвинетиот, како одговорно лице за продажба на влезници и контролирање на бројот на посетители и нивната возраст, бидејќи континуирано во договор со својот брат, не постапувал според прописите и техничките правила за заштита согласно на чл.12 ст.5 од Правилникот за минимално-техничките услови за вршење на угостителската дејност, не водел сметка и продавал поголем број влезници со што овозможувал влез на поголем број посетители од дозволениот во клубот. Воедно не постапувал согласно чл. 35 ст.3 од Законот за угостителска дејност и дозволувал во објектот да влезат лица помлади од 18 години, иако бил свесен дека објектот не исполнува никакви безбедносни услови за заштита од пожари и знаел за незаконските дејствија на реконструкција со пренамена со кои биле прекршени прописите и техничките правила за заштита.
Обвинета е сопственичка и правно лице од Кочани, преку кои во 2012 година на барање на првообвинетиот, спротивно на член 47 од Законот за градење бил изготвен проект за пренамена на објектот во кој не биле содржани сите фази односно делови и елаборати кои задолжително мора да ги содржи основниот проект. Во 2023 година, повторно незаконски, таа му изготвила основен проект, користејќи го како образец претходниот документ при што ја сменила насловната страна како да е документот изготвен во 2023 година, за да може обвинетиот и инвеститорот ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани понатаму незаконито да го користи документот како основа за вршење на угостителска дејност и добивање лиценца, додаде Коцевски.

Тројца обвинети во својство на службени лица – овластени градежни инспектори во Општина Кочани, иако биле самостојни во вршењето инспекциски надзор, со непостапување според прописите и техничките правила за заштита, спротивно на своите права и должности предвидени во Законот за градење и Законот за инспекциски надзор, во целиот период кога биле овластени градежни инспектори воопшто не покренале и не воделе постапка за инспекциски надзор по службена должност за утврдување на фактичката состојба и изведување докази, не наредиле отстранување на неправилностите, и не донеле решение за да го задолжат сопственикот за враќање на објектот во првобитна состојба. Свесни биле дека поради нивното несторување може да настапи штетна последица, но се согласиле со нејзиното настапување и овозможиле ПУЛС незаконито да продолжи со вршење на угостителска дејност – кабаре.
-Обвинети се три лица кои во периодот од 2012 до 16.03.2025 година ја извршувале функцијата градоначалник на Кочани, бидејќи иако согласно Законот за локалната самоуправа ја застапувале и претставувале општината и биле должни да се грижат за спроведување и почитување на деталниот урбанистички план за општина Кочани, знаеле дека објектот таканаречено кабаре Клуб Пулс, претставува безбедносно опасен објект за вршење на угостителска дејност. Во однос на обезбедувањето на дискотеката, обвинение е поднесено против управителот на обвинетото правно лице – агенција за обезбедување од Скопје и уште четири лица припадници на обезбедувањето, од кои еден воопшто не поседувал лиценца за да врши физичко обезбедување. Против реалниот сопственик на агенцијата за кого истрагата беше отворена пред неколку дена таа продолжува до нејзиното завршување, информираше јавниот обвинител Коцевски.
Четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување во периодот од 2012 до 16.03.2025 година, како и едно службено лице генерален инспектор кој за целиот тој временски период бил раководител на инспекциската служба во ДЗС, заеднички со особен придонес во извршување на делото, иако биле свесни дека поради нивното несторување може да настапи штетна последица, се согласиле со нејзиното настапување и не преземале мерки и активности за заштита на животите и имотот на луѓето од пожари.
Обвинетите пет државни службеници, еден државен секретар и двајца министри воопшто не постапиле според прописите или техничките правила за мерките за заштита, а како поединечни случаи, во истрагата се обезбедени докази за еден државен службеник кој постојано ги изготвувал лиценците за “Пулс” и кој директно побарал и примил подарок за себе и за други за да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши.
За обвинетите правни лица поднесено е обвинение за кривично дело – Предизвикување општа опасност од чл.288 ст.5 в.в ст.3 в.в ст.2 од Кривичниот законик.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.