Основното јавно обвинителство – Кочани до Основниот суд Кочани доставило предлози за продолжување на мерките за обезбедување, односно притвор и куќен притвор за сите осомничени во истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“.
-Само за тројца осомничени, согласно фазата на обезбедување докази и исполнетоста на законските основи, се предлага замена за мерката притвор во куќен притвор. Тоа се двајца осомничени од Државниот пазарен инспекторат и еден припадник на обезбедувањето на дискотеката, информираат од Обвинителството.
Според информациите од ОЈО – Кочани, истражните дејствија за трагичниот пожар ќе продолжат во повеќе правци и во неколку институции за да се испита евентуална нивна одговорност, а јавноста ќе биде известена ако биде донесена соодветна јавнообвинителска одлука.

Од Основниот суд во Кочани информираа дека новите предлози за замена на мерката притвор со куќен притвор за трите лица ќе бидат разгледани и по нив ќе се одлучува. Претходно Судот ги одбил барањата за замена на мерката притвор со куќен притвор за еден поранешен градоначалник и за едно лице од обезбедувањето во „Пулс“, а по поднесената жалба за ваквото судско решение, заседавал Кривичниот совет чија конечна одлука треба да биде позната најдоцна до утре.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.