Службените возила чиј сопственик е Општина Кочани треба да бидат соодветно и видливо обележани, а тоа треба да се направи до крајот на оваа година. На ваквата постапка се чека скоро две години, но таа досега не е спроведена.
До Советот на Општината, на седницата во февруари минатата година, советникот Томе Солевски достави предлог за кој доби ветување дека ќе се реализира, откако првин ќе го разгледале општинските служби. И по триесетина седници на Советот, точката за ова барање воопшто не се најде на дневен ред, а службените возила немаат никаква ознака дека ѝ припаѓаат на Општината.
На последната, 37. седница прашањето повторно беше актуелизирано, со барање постапката да се забрза.
-Значи, одлука за обележување на општинските возила. Материјал ви е поделен пред 30 седници и повеќе мислам, може да се побара во архивите ако се чува, таму беше објаснето дека има потреба. Сите установи си ги имаат обележано, пожелно е и Општина Кочани, со тоа што до 31 декември 2023 година да се заврши обележувањето, истакна советникот Солевски.
Со оглед на долгиот временски период што помина од првично дадениот предлог, дојде повторната реакција до општинската администрација зошто толку се чека и кому му пречи реализацијата на ова барање.
-И материјалите беа поделени, вие рековте да се разгледа на комисии затоа што не можело да се оди само така на седница, на секого што ќе му текне. Рековте материјалите да се разгледаат, и за гласање да се види, но оттогаш точката не е ставена на дневен ред, додаде Солевски.
Обележувањето на службените возила, особено на јавните институции, е потребно за да се спречи злоупотребата при нивното користење. Дополнително, Државната комисија за спречување на корупцијата, во ноември 2021 година, има донесено упатство во кое, меѓу другото, е нагласено дека „секогаш кога е тоа соодветно на природата на работата на институцијата, службените возила треба да го содржат логото на институцијата. На овој начин дополнително ќе се овозможи граѓаните да сведочат на (не)наменското користење на службените возила“.
Правилникот за начинот и условите за користење и полнење гориво во службените возила на Општина Кочани, донесен во декември 2017 година, не содржи одредба за нивно обележување.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.