По прекин од три месеци повторно започна да функционира градскиот линиски превоз на патници во Кочани. Автобусите возат на релациите од населбата Оризари преку Усова чешма, Бавчалук спојот на улиците „Бел камен“ и „Страшо Ербапче“ до зоната Лесна индустрија.
Транспортот на патници го врши компанијата „Тасим“ од Оризари со четири поаѓања дневно од понеделник до сабота, согласно одобрениот и регистриран возен ред. Од транспортната компанија рекоа дека на стартот од обновувањето на услугата, досега немало проблеми.
– Три месеци го немаше превозот и сега после трите месеци нормално е дека луѓето не знаат дека е почната линијата. Највеќе патници има од населбата Оризари до плоштадот и до Болницата. Се вози од понеделник до сабота, секој работен ден, со исклучок на државните празници, рече Влатко Тасов, возач во “Тасим компанија“.
За едно возење патниците плаќаат само 10 денари, односно половина од цената на чинење на билетот, а другата половина ја субвенционира Општина Кочани. Цената за оваа услуга е утврдена со одлука на Советот на Општина Кочани.
Граѓаните се задоволни што повторно функционира превозот, што за нив е поволна опција, особено во поглед на трошоците.
– Каде сум јас, во Трајаново Трло, горе, ми зема 70 денари за такси, а вака со 20 денари не е ништо, ќе си платиме, јас сум во години веќе и не можам да одам… Најмногу ми се допаѓа релацијата до Подлог и до Оризари што врти низ селото, оти има стари луѓе кои не можат да се искачуваат, а со автобусчето е многу добро. Цената од 10 денари многу реална беше, ако треба и 20 ќе плаќаме, ама има луѓе кои немаат пари, ама одговара и до и 15 денари да е, рекоа граѓаните.
Прекинот во вршењето на општинскиот линиски превоз настана откако претходниот превозник, „Авто атом“, од 1 август годинава престана да ја дава услугата со образложение дека релациите биле непрофитибилни и неисплатливи.
Изборот на компанијата „Тасим“ е направен по две неуспешно реализирани јавни набавки што ги спроеведе Општина Кочани.
Т. Ајтовски
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.