Здружението на бизнис жени од Кочани ги продолжува активностите што се дел од локалните акции на Националната платформа за женско претприемништво.
Во тие рамки денеска се одржа обука на тема „Менаџмент на човечки ресурси и лидерство“, а целната група беше составена од дваесетина жени кои почнуваат или веќе имаат развиено сопствен бизнис, без разлика дали е дел од производствената, услужната, трговската, занаетчиската, земјоделската или друга дејност.
Според статистичките податоци само околку една петина од целото претприемништво во државата го водат жени, а тоа пред сè се микро компании или жени кои работат во занаетчиство или земјоделство. Целта на обуките е на оние жени кои веќе се навлезени во претприемништвото да им се олесни начинот на менаџирање со човечките ресурси.
-Овде сме за да ги споделиме искуствата и знаењата со локалните бизнисменки и да видиме како можеме да ја подобриме нивната работа и лидерските вештини. Имаме веќе искусни жени претприемачи, кои треба да го пренесат своето искуство, но и помлади кои сакаат да работат и да остварат сопствен бизнис. Темата на обуката е интересна затоа што се работи за човечки ресурси, човечки капитал, као да го менаџираат и да го подобрат, истакна Роберт Пападимитров, обучувач во проектот.
Низ практични примери, на обуката во Кочани беа објаснети начините на менаџирање со човечките ресурси, односно со вработените во претпријатијата, без разлика од каков обем се и каква дејност извршуваат. До крајот на проектот планирана е уште една обука на која ќе се разработуваат и други аспекти за унапредување на женското претприемништво во регионот.
Обуките во рамки на Националната програма за женско претприемништво се реализираат со финансиска поддршка од ЕУ, а во соработка со Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување (МИР) и Сојузот на Стопански комори на Македонија.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.