Општина Зрновци и годинава ќе додели стипендии за студентите и за учениците во основното и средно образование.
Финансиската поддршка ќе се распределува по три основи, односно за новозапишаните и редовните студенти, кои веќе се школуваат на јавните високообразовни институции во државата, како и основци и средношколци кои живеат во семемејства со самохран родител или пак родителите им се невработени.
Локалната самоуправа го објави конкурсот со кој ќе се обезбеди финансиската поддршка, а кандидатите кои ќе поднесат пријава треба да се жители на општина Зрновци и да не се корисници на стипендија или кредит од други институции или компании.
Услов за добивање на општинската стипендија за студентите бруцоши е да имале просечен успех 4 или 5 во средното образование, а за постојните студенти освен успехот во студирањето, бодови носи и материјалната состојба на семејствата во кои живеат, како и дефицитарноста на струката за која се образуваат.
Вкупната сума што Локалната самоуправа на Зрновци ја определи за стипеднирање и годинава ќе изнесува над 300 илјади денари. Во зависност бројот на пријавени кандидати и оние кои ќе ги исполнат условите, ќе се определи и месечниот износ што ќе го добиваат како поддршка за тековната студиска, односно учебна година.
Подетални информации за потребната документација и условите на конкурсот можат да се добијат на веб-страницата на Општина Зрновци, а пријавувањето е до 3 февруари.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.