Домот на културата „Тошо Арсов“ од Виница и Советот на Фестивалот за хумор и сатира „Ин Виница веритас“ го објавија меѓународниот конкурс за карикатура во рамки фестивалска програма што ќе се реализира во втората половина на октомври.
Темата на која годинава треба да работат карикатуристите е „Нештата стануваат возможни“, а според пропозициите секој учесник може да испрати најмногу по три дела. Обврска е карикатурите да се цртаат во формат А3 или А4, со резолуција од 300 dpi и од секоја да се испрати скенирана копија по електронска пошта на адреса invinicaveritasfestival@gmail.com.
Пристигнатите творби ќе ги разгледува и оценува стручна жири комисија, а најдобрите три ќе бидат парично наградени. Вкупниот награден фонд на конкурсот изнесува 600 евра, а наградите на добитниците ќе им бидат врачени на отворањето на изложбата на карикатури, на почетокот на фестивалот „Ин Виница веритас“.
Според пропозициите на конкурсот, рокот за испраќање на карикатурите е до 1 октомври, а по соопштувањето на резултатите, наградените дела задолжително треба да се испратат во оригинал по пошта на адреса на Домот на културата “Тошо Арсов“ – Виница.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.