Од почетокот на идната недела ќе има промена на сообраќајниот режим на дел од улицата „Димитар Влахов“ во Стришани со што ќе се воведе двонасочно движење на возилата. Според најавите од Општина Кочани, по градежното доуредување и поставување на соодветна сигнализација, од понеделник ќе почне примената на ревидираниот Основен сообраќаен проект за режимот на оваа улица.
Двонасочниот сообраќај ќе биде од кружната крстосница меѓу улиците „Стево Теодосиевски“, „Страшо Ербапче“ и „Димитар Влахов“, во правец на југ кон кружната крстосница од улиците „Глигор Апостолов Гочо“, „Лазар Андонов“ и „Димитар Влахов“. Со тоа, ќе се овозможи возилата кои влегуваат од правец на Штип, да продолжат до вкрстувањето во Стришани и понатаму по „Стево Теодосиевски“ да одат кон центарот на градот или по „Страшо Ербапче“ да се упатат кон Пониква.
Се работи за коловоз во должина од околу 120 метри што досега беше еднонасочен, а возачите го користеа како паркинг простор од двете страни на улицата. Освен тоа, на оваа делница има такси станица и автобуска постојка за општинскиот патнички превоз, а поради зголемената фреквенција во одредени периоди од денот често доаѓа до застои. Воведувањето на двонасочниот сообраќај ќе ги промени таквите навики, за што веќе се обележани и соодветни правци на движење.
Од Општина Кочани упатија повик и до возачите на моторни и други возила, како и до пешаците, да ги почитуваат измените согласно поставената сообраќајна сигнализација, и останатите прописи и правила, со што ќе придонесат за поголема безбедност на сите учесници.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.