На пригодна свеченост што вечерва се одржа во Облешево, Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Чешиново-Облешево го одбележа јубилејот – 35 години од основањето на партискиот огранок.
Пред присутните гости, членови на партијата и жители на општината беше прикажан краток видео запис за дел од досегашните активности на Општинскиот комитет, а потоа им беа доделени признанија и благодарници на сите оние кои дале свој придонес во неговото работење.

Свеченоста беше искористена и за претставување на кандидатската листа за членови на Советот на Општината, како и на кандидатот за градоначалник Јорданчо Костадинов.

– Јас ја подавам мојата рака кон сите вас и сите оние што ќе ја препознаат вистинската личност што треба да ја води Општината во наредните четири години. Човек кој стои пред вас гордо, со дигната глава, чист образ и со визија како треба да се развива и кои се приоритетите на граѓаните на општина Чешиново-Облешево. Мојот тим на професионалци макотрпно работеше на програмата која во наредните денови ќе биде пред вас и во истата таа програма внимателно и математички прецизно се нотирани сите проекти кои се од суштинско значење за брз развој на општината и ги опфаќаат сите сфери од животот на младите, спортистите, пензионерите, стопанствениците, земјоделците, домаќинките и сите граѓани на општина Чешиново-Облешево. Претстојат денови во кои ние, кандидатите од ВМРО-ДПМНЕ во една фер и демократска кампања ќе пристапиме кон секој човек, ќе ја слушнеме секоја мака, ќе го прифатиме секој добар предлог и ќе понудиме решенија за натрупаните проблеми на граѓаните од сите населени места, истакна Костадинов.

Кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ додаде дека ќе ги вложи сите свои квалитети и знаења за да ги оправда очекувањата на граѓаните од општина Чешиново-Облешево.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






