Со свечен концерт на кој учествуваа учениците од сите одделенија, вечерва ОМУ „Ристо Јуруков“ го одбележа патрониот празник.
Салата на Мултикултурниот центар беше претесна за да ги прими сите кои дојдоа да ги видат и слушнат младите музичари и нивните настапи со познати дела од класичната, традициската и популарната музика.

-Денеска, кога го прославуваме роденденот на основачот на нашето училиште, на нашиот поранешен професор Ристо Јуруков, го славиме неговото дело, неговата професионалност, неговата човечност. Верувам дека на почетокот не му било лесно да собере кадар, да обезбеди инструменти, да привлече ученици, просто, да го заживее нашето музичко училиште – но, успеал. И еве, денес, ние простум го славиме неговото дело, неговиот завет. Ја живееме и славиме музиката. Дека достојно го продолжуваме патот што започна да го гради нашиот професор Јуруков, покажуваат големиот број награди и признанија преку кои нашите ученици , заедно со своите ментори, го промовираат училиштето, градот и државата, истакна директорката на ОМУ „Ристо Јуруков“, Марија Лазарова.
Во текот на изминатата учебна година учениците освоија 13 први, 6 втори и 2 трети награди, на државно и меѓународно ниво.

Наставничкиот совет годинава одлучи признанието за првенец на генерaцијата да му го додели на ученикот Никола Илиев. Признанието е заслужено, со оглед на големиот број награди од учествата на домашни и меѓународни натпреварувања.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.