На отворената панел дискусија, што викендов со градоначалникот ја имаа граѓаните, беше актуелизирано токму и прашањето за Старата касарна, а оптимистичкиот одговор од првиот човек на општинската власт дава надеж дека решението е на повидок.
– Заедно со министерот без ресор и со други претставници од ромската заедница изнајдовме адекватно решение, односно место каде што ќе изградиме 24 куќи, односно тоа ќе бидат 6 блока со по четири куќички, се со цел да ги сместиме овие семејства кои се евидентирани од наша страна како диво населени во тој дел. Значи, локацијата е дефинирана надвор од урбанистичкиот опфат, се решава со локална планска документација, процес што веќе е почнат и е прилично далеку, имаме избрано проектант, односно фирма што ќе го изработува целиот тој потег, урбанистички ќе го решава и се надевам дека можеби за месец-два, тој дел околу планиорањето, проектирањето ќе го имаме завршено и ќе остане само во делот на реализацијата, рече Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
За да се реализира целот проект до крај, Општината очекува финансиска поддршка од државата. Истовремено од општинскито буиџет се издвоени средства за изработка на техничко-планската докуменатција за објектите што треба да се градат.
Градоначалникот Илијев рече дека Локалната самоуправа е подготвена да помогне и во обезбедувањето на потребаната инфраструктура, односно изградбата на пристапен пат и обезбедувањето вода и канализациски одвод. Сепак, додаде дека дали докрај ќе се реализира зафатот е прашање за централната власт.
– Ние имаме зацртано веќе одредена сума на пари која на еден или друг начин ни е ветена, дали тоа ќе остане до крај така, не можам да кажам, бидејќи во таа работа може да има и нешто политика, а јас не сум политичар и не можам денеска да кажам, меѓутоа цврсто сум убеден дека ќе најдеме решение за овој проблем и ќе ги изградиме овие 24 куќи, односно тие 24 семејства ќе бидат пристојно сместени и еднаш засекогаш ќе го решиме проблемот со касарната, како ишто реков проблем и за населените што живеат таму, меѓутоа проблем и за околните куќи, додаде Илијев.
Иако Старата касарна не нуди ниту основни услови за живеење, повеќе од две децении таму се сместени дваесетина семејства со над стотина жители кои импровизирано се приклучени на електричната мрежа, а за одржување на хигиената имаат само една чешма во дворот. Повеќето од жителите се млади брачни парови со по неколку деца, кои живеат во мизерни и нехумани услови.
Т. Ајтовски
{fshare}
{backbutton}
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.