Непроменета останува даночната стапка за данокот на имот на недвижности на територијата на општина Виница откако беше направена законската репроцена, односно ревизија на пазарната вредност на недвижниот имот.
Стапката на данокот нема да се зголеми од досегашните минимални 0,10 отсто од пазарната вредност на недвижниот имот, односно на 0,05 отсто од вредноста на објектот во кој живее даночниот обврзник.

Репроцената на данокот на имот на недвижностите e направeна заради утврдување на реална и правична основа за оданочувањe на сите граѓани кои се даночни обврзници. Потребата за ревизија на вредноста на имотот произлезе од новите измени за Законот за даноците на имот со кој општините се обврзани да прават репроцена на секои 4 години, а последната репроцена е од пред 18 години. Граѓаните кои поседуваат имот чија пазарна вредност е променета поради одредени инвестиции, легализација на доградби и надградби илипак поседуваат цели објекти што досега не биле оданочени, ќе добијат корегирани износи во решенијата за данокот на имот.
Корегиран износ во даночните решенија ќе има и за сопствениците на имот за кој промените настанале поради проширување на градежниот опфат во Виница, односно по донесување на урбанистички план недвижноста од земјоделско преминала во градежно земјиште и слично.

Од Општина Виница ги повикуваат граѓаните со навремено и редовно плаќање на данокот на имот да придонесат во остварувањето на планираните приходи во Буџетот, а со тоа и за целосна реализација на проектите од годишните програми што ги донесе општинскиот совет.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.