Локалната самоуправа на Виница ги почна подготовките за претстојното новогодишно празнување, а за предложената свечена програма доби едногласна поддршка од општинскиот Совет на последната негова седница. За активностите што се предвидени во програмата се планира да се потрошат 300 илјади денари.
Една третина, односно 100 илјади денари се наменети за украсување на плоштадот „Ангел Винички“, како и на улиците во Виница и во населените места во општината.
Согласно донесената програма, на преминот меѓу старата и новата година, односно на 31 декември вечерта е предвидена посета на дежурните служби во институциите кои ќе работат во тој период. Притоа, на вработените ќе им бидат доделени пригодни подароци, за што е планирано да се потрошат 50 илјади денари.

По повод новогодишните празници, градоначалникот и претставник од Советот на Општина Виница ќе ги посетат дечињата во детската градинка, првачињата во основните училишта, како и децата во Дневниот центар за посебни потреби. За сите нив ќе бидат обезбедени новогодишни пакетчиња за чија набавка е планиран износ од 90 илјади денари.
Исто така, Локалната самоуправа ќе обезбеди празничен рекламен материјал, односно за печатење нотеси, пенкала и слично ќе се потрошат 60 илјади денари.
Со оглед на добиената поддршка од сите членови на Советот и објавувањето во Службениот гласник на Општината, предложената програма за дочек на Новата година во Виница ќе може да се реализира со планираната динамика.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.