Пет новозапишани редовни студенти и 17 ученици во основното и средното образование, кои се жители на општина Зрновци, ќе добиваат едногодишна стипендија во тековната учебна година од буџетот на Локалната самоуправа.
Во рамки на програмата за поддршка на образованието обезбедени се 340 илјади денари, чија исплата ќе се реализира во период од десет месеци, а градоначалникот Борчо Коцев веќе ги потпиша договорите со примателите на стипендиите.
-Трета година по ред, во рамки на нашите буџетските можности, ја реализираме програмата за стипендирање, а главна цел е да им обезбедиме еднакви услови за едукација на младите од ранливите категории семејства. Распределбата се прави за редовни студенти во прва година на државните универзитети, за ученици во основно и средно образование кои живеат во семејство на самохран родител, како и за ученици на невработени родители. Согласно расположивите буџетски средства месечниот износ што ќе го добиваат студентите е четири илјади денари, а учениците ќе добиваат по илјада денари. Од нив шест се од самохрани семејства, а 11 имаат родители кои се без работен ангжман, истакна градоначалникот Коцев.

Според општинскиот Правилник за стипендирање бруцошите треба да имаат солиден успех во средното образование, да студираат на некоја од дефицитарните струки и да се со слаби материјални можности. Дополнителен услов за добивање на поддршката беше кандидатите да не примаат стипендија или кредит од друга институција, односно компанија.
На јавниот повик што беше објавен минатиот месец, учениците и студентите покажале голем интерес за добивање стипендија, а по разгледувањето на пристигнатите пријави Општинската комисија изготвила ранг листа на кандидати кои ги исполниле условите.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.